Автофокус при организацијата на времето: наполнете ги своите батерии | Основни принципи на деловното работење
Автофокусот е вежба за подобрување на личната ефикасност. Исто така помага да си ја засакате работата! Одговара за сите вработени лица, без разлика на професијата, кои чувствуваат дека се преоптоварени со обврски и не уживаат во работата. И сигурно ќе им помогне на оние што се занимаваат со партнерски бизнис! Бидејќи партнерскиот бизнис Ви дава слобода на дејствување, автофокусот може полесно да Ви ја врати мотивацијата. Овој концепт за првпат го објаснил Макс Форстер, британски стручњак за систематска организација на задачите.
Кога станува збор за организација на времето, постојат многу алатки, животни трикови и техники што можат да влијаат позитивно врз продуктивноста. Речиси не постои човек кој не ги чул следниве зборови: ресурс, приоритети, рамнотежа итн.
Проблемот е што овие техники не помагаат многу во справувањето со стресот и што во нивната основа лежи самоприсилувањето, а кога се присилуваш да правиш нешто тоа одзема премногу сила и го зголемува стресот. Автофокусот нуди поинаков пристап. Главниот принцип е: потпри се на својот внатрешен инстинкт, избери со срцето.
Би било добро да го испробате ако често Ви доаѓаат вакви мисли додека работите:
• Преку глава сте ми сите!
• Зошто морам пак јас да го правам ова?
• Сакам да одам на одмор!
• Подобро да почнам со најнепријатните задачи и да се ослободам од нив
• Колку сум уморен!
• Се одморив и пак сум уморен
• Сакам да правам сè, ама едноставно немам сила
• Ова требаше да биде завршено вчера
• Оставете ме на мира!
Како прво, не се секирајте, не сте единствениот што се бори со вакви мисли. Сега ќе се чувствувате подобро 😊
Да вежбаме малку автофокусирање со неколку многу едноставни чекори.
• Направете список со обврски или задачи. За денот, за седмицата или за друг временски период, како сакате. Напишете што е можно повеќе детали — сè што работите во текот на седмицата, вклучувајќи ја и прошетката на кучето. Зачувајте го списокот бидејќи ќе Ви треба за следните чекори.
• Прочитајте го одново. Дали во него има некои задачи на кои сакате да се фокусирате? Ако нема ниту една (ако дури и прошетката со Вашето куче Ве уморува), веројатно не си ја вршите работата, не сте на вистинското место и околината не Ви одговара. Порано или подоцна (подобро порано) сето ова ќе мора да се промени.
• Дали се чувствувате добро ако помислите макар само на една задача од списокот? Тогаш, почнете со неа! Дури и ако не е најважната. Тоа ќе Ви ја врати силата и ќе Ве мотивира да ги завршите и другите обврски.
• Дали во фокусот Ви дошле неколку обврски? Обидете се да видите што им е заедничко. Можеби едноставно сте ги избрале оние што брзо ќе ги завршите. Или оние кои Ви се јака страна.
• И последниот чекор. Извадете ги од списокот обврските што Ви ја црпат силата (оние што едноставно не сакате да ги извршите или што не Ви се допаѓаат — начинот, резултатот, брзината на извршување, луѓето со кои треба да комуницирате во процесот). Оставете ги на списокот задачите кои Ви даваат енергија (или додајте ги ако во првиот список не сте запишали ништо што би сакале да го работите). Ова се Вашите задачи. Започнете го секој ден од Вашиот живот со нив. Дозволете си да уживате и да црпите сила од првите активности со кои ќе го започнете Вашиот работен ден. Ништо страшно нема да се случи ако некоја непријатна, но итна задача, ја ставите на второ наместо на прво место.
Автофокусот помага автоматски. Изгледа како едноставно да сте направиле список, а притоа сте исфрлиле многу непотребни работи кои Ви пречеле. Или конечно си признавате дека воопшто не ја сакате работата што ја работите. Па дури и да си ја сакате работата, добро е да ги распределите и задачите и времето на поинаков начин; ова ќе Ви го намали секојдневниот стрес и ќе Ви ги подобри односите со оние околу Вас. Или ќе посакате да ја смените околината. Најважно е да се слушате себеси. Дајте си за право да изберете нешто што Ви ги полни батериите наместо да Ви ги празни.
Не мора често да ја повторувате оваа вежба. Можеби ќе функционира од прва. Или, пак, ќе мора да ја повторите секогаш кога ќе Ви прелета некоја непријатна мисла. Резултат од автофокусот ќе биде воодушевеност. Повторно ќе бидете воодушевени од Вашата работа или ќе сфатите што точно е тоа што Ве воодушевува. Направете го вистинскиот избор — а парите и успехот ќе дојдат заедно со него.